ПРВ.мк
Балкан

Лекари направија чудо: Спасено бебе со тумор колку глава – операција што ретко се изведува дури и во светот

Лекари направија чудо: Спасено бебе со тумор колку глава – операција што ретко се изведува дури и во светот
Kristal

Мултидисциплинарен тим од Загрепската клиничка болница постигна исклучителен медицински успех, изведувајќи сложена и речиси невозможна операција кај новороденче со огромен тумор на вратот. Интервенцијата беше толку ризична што дел од постапката се изведуваше додека бебето беше само делумно родено, а остатокот веднаш по породувањето.

Ова е првпат ваква процедура да биде изведена во Загреб, а експертите велат дека се работи за операција што во светски рамки се прави само еднаш или двапати годишно и исклучиво во високо специјализирани центри.

Според податоците од магнетната резонанца, туморот бил речиси голем колку главата на бебето и ги блокирал дишните патишта. Природно породување би било фатално, па тимот гинеколози, педијатри, ОРЛ-хирурзи и неврорадиолози се подготвил за неколку сценарија – и првото успеало.

При царскиот рез, лекарите ја извадиле главата на бебето додека телото останало во матката. Бебето дишело преку плацентата, што им дало краток, но пресуден прозорец лекарите да воспостават вештачки дишен пат. Во сало имало околу дваесет стручњаци, а моментот бил критичен – доколку не успееле веднаш, исходот ќе бил фатален.

Откако обезбедиле дишење, бебето било целосно извадено, папочната врвца пресечена и веднаш префрлено на интензивна нега, каде лекарите забележале дека туморот продолжува да расте. По само неколку часа пристапиле кон комплетно отстранување. Хируршкиот тим успеал да ги зачува сите витални функции на вратот – дишење, голтање и идната способност за говор.

Патохистолошката анализа покажала дека се работи за тератом – вообичаено бениген тумор, но со ризик од малигна трансформација, поради што бебето ќе биде под онколошко следење. Сепак, во моментов не е потребна дополнителна терапија.

Само еден месец по операцијата, бебето е дома со мајката, целосно стабилизирано и се смета за излечено.

Медицинскиот тим нагласува дека успехот е резултат на беспрекорна соработка меѓу различни специјалности – единствена комбинација на експертиза каква ретко се среќава и во регионот и пошироко. Оваа интервенција се смета за една од најзначајните во хрватското здравство последниве години.

Escape