Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, упати сериозно предупредување дека Европската унија подготвува уште две економски мерки кои, како што тврди, може да предизвикаат директен удар врз унгарските земјоделци и домашните работни места. Според него, владата во Будимпешта ќе се спротивстави на овие потези додека е на власт, бидејќи нивната цел е да ја заштити локалната економија.
По состанокот на Советот на ЕУ за надворешна трговија, Сијарто остро ја критикуваше Европската комисија, оценувајќи дека во последните години направила низа „катастрофални“ грешки – од воведување тарифни бариери, преку ограничувања во енергетската трговија, до санкции и штетни договори. Според него, овие политики довеле до тоа Европа денес да се соочува со најтешката економска криза во последните децении.
Унгарското Министерство соопшти дека според проценките на Сијарто, во подготовка се две нови одлуки кои може да имаат сериозни последици. Првата, како што вели, директно го загрозува земјоделскиот сектор – Брисел има намера да го потпише договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и јужноамериканските земји (Меркосур) и да го имплементира во сегашната форма. Токму ваквиот договор, според Сијарто, би создал масивен увоз на јужноамерикански земјоделски производи, носејќи нелојална конкуренција и пад на цените на европските, особено унгарските земјоделци.
Втората опасност, по неговите зборови, се однесува на работните места во индустрискиот сектор, каде новите правила што ги подготвува Брисел може да предизвикаат сериозни загуби и пропаѓање на компании кои не можат да ги следат новите економски услови.
Сијарто истакна дека унгарската влада нема да дозволи домашните производители да бидат ставени во подредена позиција и ќе ги брани нивните интереси, истакнувајќи дека „оваа битка со Брисел штотуку почнува“.
















