Русија официјално стартуваше со клиничката примена на својата нова персонализирана mRNК вакцина против рак – чекор што го привлече вниманието на целиот свет. Веднаш по одобрувањето од Министерството за здравство, во Москва пристигна и првиот пациент од Србија, кој боледува од малиген меланом. Со тоа Србија стана една од првите земји од кои пациенти заминуваат на оваа напредна форма на лекување.
Професор д-р Владимир Јаковљевиќ од Факултетот за медицински науки во Крагуевац и визитинг професор на Сеченов универзитетот во Москва објаснува дека руските здравствени институции дале зелено светло за примена на две нови терапии: персонализирана mRNК вакцина за пациенти со меланом и пептидна вакцина развиена за лекување карцином на дебело црево.
Процедурата е строго индивидуализирана и почнува со земање примероци од три различни типови ткива: малигно ткиво (вклучувајќи метастази), здраво ткиво од истиот орган и примерок од крв. Со тоа се добива генетската „карта“ на болеста и точно се утврдува мутацијата што го предизвикала карциномот.
Потоа, со помош на алатки базирани на вештачка интелигенција се создава препарат кој користи антитела насочени исклучиво против тој уникатен антиген. Изработката трае три до четири недели, по што пациентот започнува интензивна терапија составена од десет дози – еднаш на секои две недели.
Тоа значи дека пациентот мора да престојува во Русија околу пет месеци за да го заврши целиот циклус. Според професорот Јаковљевиќ, очекувањата се високи: по приемот на сите дози, прогнозата е целосно излекување, доколку организмот соодветно реагира на персонализираниот препарат.
Овој случај ќе биде внимателно следен од медицинските кругови во Србија, регионот и пошироко, бидејќи претставува еден од најзначајните пробиви во онколошката терапија во последните години.
















