Српскиот претседател Александар Вучиќ порача дека нема да им служи на големите сили, туку единствено на Србија, нагласувајќи дека негова должност е да се грижи за интересите на земјата што ја претставува.
„Нема да служам никому – ниту на Англија, ниту на Германија, ниту на Америка, ниту на Русија. Јас служам само на Србија. Научете го тоа еднаш. Нема да бидам ничија марионета. Јас сум Србин и српски претседател“, изјавил Вучиќ за српските медиуми.
Тој додал дека секогаш ќе остане Србин и српски претседател и дека неговата работа е да се грижи за Србија.
Претходно во текот на денот, за време на обиколка на реконструкцијата на Стариот железнички мост во Белград, Вучиќ се осврнал и на критиките дека Србија води политика на „седење на повеќе столчиња“.
На прашањето за овие критики, тој рекол дека поради таквата политика бил критикуван во Германија, САД и Англија, но и во Русија и Украина.
„Не ми е гајле. Тоа само ја потврдува мојата политика. Не сакам да бидеме ничии слуги. Јас бев избран, се заколнав на Уставот и на Мирославовото Евангелие. Доколку е потребно, треба да направиме жртви за да ја зачуваме нашата независност и автономија“, изјавил српскиот претседател.








