На граничниот премин Евзони од раните утрински часови се создаваат долги колони, а илјадници патници се соочуваат со повеќечасовни задржувања при влез во Грција.
Според грчките медиуми, патничките возила чекаат околу два часа, додека патниците во туристичките и редовните автобуски линии се задржуваат и повеќе од пет часа.
Меѓу патниците има голем број семејства и туристи кои патуваат кон популарните летувалишта во северна Грција, како Халкидики, Кавала и Пиерија, во пресрет на првиот поголем бран летни патувања оваа сезона.
Надлежните очекуваат метежот да продолжи во текот на целиот викенд поради зголемениот број возила и патници.
Причина за задржувањата е целосната примена на новиот дигитален систем за влез и излез на Европската Унија (EES), кој предвидува електронска и биометриска регистрација на државјани од земји кои не се членки на ЕУ при преминување на границите.
Според европските институции, целта на системот е подобрување на безбедноста во Шенген-зоната, поефикасна контрола на надворешните граници и спречување на нелегалната миграција, но во првите денови од примената предизвикува значителни задржувања на некои гранични премини.








