Хрватска донесе важна одлука во врска со враќањето на задолжителниот воен рок. Според најновите информации од Министерството за одбрана на Република Хрватска, државата нема да ги повикува во војска лицата со двојно државјанство кои постојано живеат во други земји, како Србија, Црна Гора или Босна и Херцеговина. Против нив нема да се покренуваат прекршочни постапки, дури и ако не се појават на повик за служба.
Од Министерството појаснуваат дека повиците ќе се испраќаат исклучиво на хрватски државјани кои имаат живеалиште во земјата. Согласно новиот Закон за одбрана, лицата со двојно државјанство ќе можат да ја исполнат својата воена обврска или во Хрватска, или во земјата каде што живеат, според нејзините закони.
„Ги повикуваме сите Хрвати кои живеат во странство да се јават во дипломатско-конзуларните претставништва и на тој начин да ја регулираат својата воена обврска“, наведуваат од Министерството, додавајќи дека оние кои веќе служеле во војска во странство, немаат дополнителна обврска кон Хрватска.
Според измените на законот, задолжителниот воен рок повторно ќе се воведе од почетокот на 2026 година. Ќе трае два месеца, а ќе се однесува на младите мажи кои во текот на годината полнат 19 години, почнувајќи од генерацијата родена во 2007 година.
Регрутите ќе добиваат месечен надомест од 1.100 евра, а обуката ќе се одржува во касарните во Книн, Пожега и Слуњ. Може да се побара одложување до 30-годишна возраст од оправдани причини.
За оние што поради верски или морални причини не сакаат да служат војска, се предвидува цивилна служба што ќе трае три до четири месеци, но засега не е познато дали ќе има финансиски надомест.
Жените нема да имаат обврска за воена служба, но ќе можат доброволно да се пријават.
Хрватска го укина задолжителниот воен рок во 2008 година, а од тогаш воените сили се пополнуваа само на доброволна основа, што во последните години доведе до намален интерес и недостиг на нов кадар.
















