Британска туристка морала итно да побара медицинска помош откако била касната од инвазивна риба-пуфер додека се капела во морето кај Каламаки, на грчкиот остров Закинтос. Случајот повторно го привлече вниманието кон сè почестото присуство и ширење на овој вид во водите на Медитеранот и останатите делови од Европа.
Жената по инцидентот се упатила во приватна клиника, каде што ѝ била укажана прва помош и била згрижена повредата. Од пристанишната управа информирале дека случајот е предмет на истрага.
Според досегашните информации, најверојатно станува збор за риба-пуфер со сребрени образи, позната и како зајачка риба. Овој инвазивен вид во последните години сè повеќе се шири низ Медитеранот, а како една од причините се посочуваат климатските промени и постепеното затоплување на морската вода.
За опасноста од овој вид неодамна предупредил и Грчкиот Црвен крст. Рибата има исклучително силни заби, со кои може да нанесе сериозни повреди, а според предупредувањата, нејзините заби се способни да пробијат и материјали како коска, дрво и метал.
Дополнителна опасност претставува и токсичноста на рибата. Нејзините органи и месо содржат тетродотоксин, силен невротоксин кој може да биде смртоносен доколку навлезе во организмот.
Проблемот, сепак, не ги загрижува само капачите. Локалните рибари велат дека ширењето на овој вид има сериозни последици и врз морскиот екосистем, но и врз нивната егзистенција, бидејќи рибите ги оштетуваат рибарските мрежи и се натпреваруваат за храна со други морски животни.
Грчкиот рибар Алексис Каралампакис предупредува дека контактот со рибата може да биде особено опасен.
„Ако некој од нив ве касне, едноставно ќе ви го отсече прстот. Го уништуваат морето. Не оставаат ништо зад себе“, вели тој.
Слично искуство споделил и 65-годишниот рибар Јанис Јанакакис, кој објаснува дека станува збор за вид со многу широка исхрана.
„Тоа е сештојадна риба која јаде сè што ќе наиде. Се чини дека не ѝ пречи ништо бидејќи нема природни предатори меѓу другите риби“, посочил Јанакакис.
Последиците за рибарите се видливи и на нивната опрема. Рибите често ги оштетуваат мрежите, оставајќи голем број дупки кои потоа мора повторно да се поправаат.
53-годишниот рибар Костис Зевелекакис вели дека ситуацијата станува сè потешка и дека поправките му одземаат значително време.
„Да не беше ова мојот брод, ќе ја напуштев оваа професија засекогаш. Ситуацијата е ужасна… не можеме да преживееме. Ми требаа два дена да ги поправам овие мрежи. Ги извадив утрово, уште 20 дупки. Бизнисот се влошува секоја година“, изјавил тој.
Поради зголемената загриженост за безбедноста на луѓето кои престојуваат во морето, грчките власти веќе започнале со поставување заштитни бариери на одредени места, со цел да се намали ризикот за пливачите.
Научниците, пак, предупредуваат дека ширењето на инвазивниот вид претставува сериозен предизвик и за морскиот екосистем и за безбедноста на луѓето. Затоплувањето на морето создава услови за понатамошно ширење на видови кои претходно не биле вообичаени во овие води, поради што проблемот може дополнително да се зголемува.








