Смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во психијатриската клиника „Свети Иван“ во загрепски Јанкомир предизвика сериозни сомнежи кај неговото семејство, кое бара да се утврдат точните околности под кои починал.
Неговата сестра Михаела Периш, во потресна исповед за „Јутарњи лист“, раскажала дека Кристијан на 21 октомври бил примен во болницата, од каде што телефонски ѝ се јавил на мајка си и ѝ кажал дека постои можност наскоро да биде пуштен дома.
Но, истата вечер, во 23:14 часот, семејството добило известување дека починал.
Според објаснувањето што го добиле од лекарка, Кристијан станал многу вознемирен, ја кинел облеката и ги нападнал медицинските техничари. По примената на лек за смирување, престанал да дише.
Семејството било шокирано од ваквото објаснување.
„Како е можно тоа? Тој беше физички здрав. Не може на момче од 32 години само така да му запре срцето од лекови за смирување“, прашувала неговата мајка, според сведочењето на Михаела.
Сомнежите дополнително се зголемиле кога конечно им било дозволено да го видат телото.
Михаела тврди дека забележале крв во устата, ранички под усните и големи модринки на вратот.
„Кога влеговме во собата, го тргнав чаршафот со кој беше покриен. Татко ми веднаш рече: ‘Тие го задушиле’“, раскажала сестрата.
Лекарката, според нејзините зборови, објаснила дека трагите на вратот биле последица на интубација.
Сепак, семејството не е задоволно од добиените информации и тврди дека медицинската документација не им била веднаш доставена во целост.










