Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, двајцата обвинети за тешкото убиство на двегодишната Данка Илиќ, денеска беа донесени во Вишиот суд во Неготин, Србија, под засилени безбедносни мерки.
На снимките што ги објави српскиот портал „Телеграф“ се гледа како обвинетите, со лисици на рацете и наведнати глави, во придружба на затворски чувари влегуваат во судската зграда.
Станува збор за првото јавно рочиште во постапката, на кое се очекува обвинетите да ја изнесат својата одбрана. Родителите на девојчето не присуствувале на рочиштето.
Данка Илиќ исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поле, во близина на Бор. Според обвинението, Драгијевиќ и Јанковиќ, кои работеле во јавното претпријатие „Водовод“, наводно најпрво ја удриле со службено возило, а потоа ја усмртиле.
Обвинителството тврди дека телото било фрлено на депонија, а подоцна преместено на друга локација. И покрај долгата потрага, телото на девојчето сè уште не е пронајдено.
Двајцата обвинети првично дале признанија во полиција, но подоцна ги повлекле исказите и целосно ја негирале вината.
Вишото јавно обвинителство во Заечар бара најстрога законска казна, односно доживотен затвор.
Случајот го следат бројни контроверзии, меѓу кои и смртта на Далибор Драгијевиќ, брат на еден од обвинетите, кој починал за време на полициско задржување.
Продолжението на судењето е закажано за 20, 23 и 24 ноември.
Обвинетите се сметаат за невини сè додека нивната вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.









