Американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг, според објавените информации, усогласиле заедничка мировна декларација по трилатералната средба одржана во кинескиот град Шенжен, на маргините на самитот АПЕК.
Во документот, кој според написот го објавиле кинеската државна агенција Синхуа и Кремљ, се издвоени четири клучни точки поврзани со меѓународната безбедност, енергетиката и функционирањето на глобалните институции.
Првата точка се однесува на реформите во Обединетите нации. Трите држави изразиле подготвеност да поддржат промени што би овозможиле поефикасно справување со глобалните предизвици и зачувување на меѓународниот мир.
Втората точка предвидува зголемување на производството и снабдувањето со преработени нафтени производи, со цел обезбедување постабилни енергетски текови и подобро снабдување на светските пазари.
Третата точка се однесува на меѓународното право. Лидерите ја нагласиле важноста на државниот суверенитет и имунитетот на државните функционери, порачувајќи дека Меѓународниот кривичен суд и сличните институции не треба да ги злоупотребуваат своите надлежности.
Четвртата точка е посветена на нуклеарната безбедност. Тројцата лидери се согласиле дека нуклеарна војна не може да има победник и дека никогаш не смее да се води. Најавен е и понатамошен дијалог за намалување на нуклеарните ризици.
„Навистина испишуваме историја“, изјавил Трамп на почетокот на средбата, нагласувајќи ја важноста на дијалогот меѓу најголемите светски сили.
И покрај заедничката декларација, меѓу Вашингтон, Москва и Пекинг остануваат значителни разлики во ставовите за Украина, Иран, трговијата и нуклеарното вооружување.
Конкретен договор за завршување на војната во Украина не бил објавен.







