Болничар од Русија, кој веќе 12 години работи во психијатриска болница, ја сподели својата исповед за секојдневието зад затворените врати на установата, откривајќи ги тешките услови, ноќните смени и емотивните моменти што ја одбележале неговата кариера.
Во сведоштвото објавено на платформата „Јандекс Дзен“, тој објаснува дека реалноста во психијатриските болници е многу поинаква од онаа што често се прикажува во филмовите.
„Веќе 12 години работам како болничар. Не сум лекар, ниту медицински техничар, но со пациентите поминувам повеќе време од кој било друг“, раскажува тој.
Неговата основна плата изнесува околу 48.000 српски динари во противвредност, додека со дополнителни и ноќни смени може да достигне околу 60.000 динари.
Според него, поголемиот дел од денот во болницата поминува мирно. Пациентите гледаат телевизија, шетаат и разговараат, а многумина на прв поглед воопшто не оставаат впечаток дека се соочуваат со сериозни здравствени проблеми.
„Тука ја научив најважната лекција – постои огромна разлика меѓу тешка дијагноза и опасна личност“, објаснува болничарот.
Сепак, ноќните смени понекогаш носат сериозни предизвици. Тој раскажува дека одредени пациенти стануваат вознемирени, а персоналот мора смирено да реагира и да се обиде да ја стабилизира ситуацијата преку разговор.
„Имав модринки, ми ја кинеа униформата. По таква смена доаѓам дома и само паѓам во кревет“, вели тој, опишувајќи некои од најтешките ситуации во својата работа.
Но, како што истакнува, најболни не се физичките повреди, туку осаменоста на пациентите.
„Најмногу ме погодува кога никој не доаѓа да ги посети. Со недели се тука, без семејство и пријатели, а ние сме единствените луѓе што ги имаат покрај себе“, раскажува болничарот.
И покрај ниската плата и тешките услови, тој вели дека останал на ова работно место поради колегите и чувството дека некому навистина му е потребен.
Неговата порака е дека зад секоја психијатриска дијагноза стои човек на кој му се потребни разбирање, грижа и достоинствен третман.








