Жителите на делови од Загреб ноќеска би можеле да слушнат истрели и да забележат вооружени полицајци, војници и воени возила на улиците, но хрватското Министерство за внатрешни работи уверува дека нема причина за загриженост.
Станува збор за претходно планирана заедничка вежба во која ќе учествуваат припадници на хрватската полиција, војската и специјалните сили на американската армија.
Како што јавува хрватската Нова ТВ, активностите ќе се одвиваат на три локации во Нов Загреб, меѓу кои се подрачјата на Бундек и Средишќе, како и објектот на Меѓународното училиште.
Вежбата е предвидено да започне во 22 часот и да трае до 2 часот по полноќ.
За време на активностите ќе се користи маневарска и симулациска муниција, која не е вистинска борбена муниција, но звуците можат да бидат многу слични на вистинско пукање.
Поради тоа, граѓаните што живеат или се движат во близина на локациите може да забележат зголемено присуство на вооружени припадници на безбедносните сили и воени возила.
Целта на вежбата е подобрување на координацијата и заедничкото дејствување меѓу хрватските и американските сили во различни безбедносни ситуации.
Од хрватското МВР апелираат граѓаните да покажат трпение поради очекуваната бучава.
Надлежните нагласуваат дека нема никаква опасност за населението и дека сите активности ќе се спроведуваат во строго контролирани услови.








