ПРВ.мк
Свет

„ОВА Е НЕПРИФАТЛИВО“: Холандија остро реагираше по падот на руски проектил во Киев!

„ОВА Е НЕПРИФАТЛИВО“: Холандија остро реагираше по падот на руски проектил во Киев!

Холандија остро реагираше кон Русија откако руски проектил паднал во непосредна близина на холандската амбасада во Киев, предизвикувајќи материјална штета на дипломатскиот објект.

Според информациите што ги пренесува Ројтерс, холандската влада го повикала рускиот амбасадор на разговор во Хаг, оценувајќи го инцидентот како неприфатлив.

Холандскиот министер за надворешни работи Том Берендсен соопштил дека проектилот паднал во четвртокот попладне, зад зградата на амбасадата во украинската престолнина.

За среќа, во инцидентот нема повредени, а причинета е помала материјална штета.

„Ова е неприфатливо“, изјавил Берендсен за холандската телевизија РТЛ, потврдувајќи дека токму овој настан бил причина за повикувањето на рускиот дипломат.

Истовремено, руската амбасада во Холандија упатила критики кон холандските власти, обвинувајќи ги дека сè подлабоко се вклучуваат во војната во Украина.

„Со своите постапки Хаг постојано го продлабочува своето учество во конфликтот, придонесувајќи за негово продолжување и понатамошна ескалација“, соопштиле од руската амбасада.

Дипломатските тензии доаѓаат во период кога холандската компанија „Дестинус“ се соочува со медиумски обвинувања дека нејзини вработени тестирале беспилотни летала врз руски цели во Украина.

Компанијата претходно соопштила дека нејзино оружје било користено при украинскиот напад врз Кримскиот мост, но ги отфрла тврдењата дека самостојно спроведувала воени операции.

Од „Дестинус“ нагласуваат дека нивните вработени обезбедувале техничка поддршка за украинската армија во согласност со договорните обврски.

Засега не е утврдено дали постои каква било поврзаност меѓу инцидентот кај холандската амбасада во Киев и информациите за активностите на компанијата „Дестинус“.