ПРВ.мк
Свет

ТРАМП ОД АВИОН ИМ ДРЖЕЛ ЛЕКЦИИ НА ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ: „Путин е сериозен во намерите!“

ТРАМП ОД АВИОН ИМ ДРЖЕЛ ЛЕКЦИИ НА ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ: „Путин е сериозен во намерите!“

Американскиот претседател Доналд Трамп телефонски се вклучил на состанокот на европските лидери посветен на Украина, кој се одржувал во Берлин, додека патувал со претседателскиот авион „Ер форс уан“.

Според информациите што ги објави „Политико“, повикувајќи се на четворица европски функционери запознаени со разговорот, Трамп остро го довел во прашање продолжувањето на европската воена помош за Украина.

„Путин сериозно пристапува кон мировните преговори“, им порачал американскиот претседател на европските лидери, само неколку часа по средбата со Владимир Путин и Си Џинпинг во Кина.

Според анонимните извори, Трамп се спротивставил на понатамошното издвојување милијарди евра за воена помош на Киев.

Двајца функционери го опишале неговото обраќање како остра критика, додека трет извор навел дека американскиот претседател зборувал за големите финансиски заштеди што би ги донело завршувањето на војната.

Германската агенција ДПА објави и детали за необичниот начин на кој Трамп се вклучил на состанокот.

Тој од авионот го повикал својот зет и специјален претставник Џаред Кушнер, кој присуствувал на самитот. Кушнер го вклучил звучникот на телефонот, а звукот бил дополнително засилен преку микрофон за сите присутни да можат да го слушнат претседателот.

На состанокот во Берлин присуствувале претставници на приближно 40 земји, меѓу кои германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Мерц порачал дека Европа нема да прифати мировен договор за Украина без учество на Киев и европските држави.

„Преговорите можат да успеат само ако Украина и Европа заедно учествуваат во процесот. Формат сличен на Јалта нема да донесе мир“, истакнал германскиот канцелар.

Европските лидери се загрижени дека Вашингтон би можел да постигне договор со Москва без нивно директно учество, особено кога станува збор за иднината на Украина и европската безбедност.

Засега не е познато дали Трамп за време на телефонскиот разговор поставил конкретни барања или најавил промени во американската политика кон Украина.