Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека повторно би донел одлука за започнување воена операција против Иран, и покрај политичките последици што ги предизвикал конфликтот.
Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп нагласи дека не се кае за својата одлука.
„Ако треба повторно да го направиме тоа, одговорот е апсолутно да“, изјави американскиот претседател.
Тој призна дека војната имала влијание врз изборите, но порача дека политичките интереси нема да ги одредуваат неговите одлуки.
Трамп ги оцени претходните преговори со Техеран како губење време, тврдејќи дека американската администрација во тој период заклучила оти на иранските власти не може да им се верува.
Американскиот претседател изнесе и тврдења дека Иран започнал истражувања поврзани со развој на хемиско и биолошко оружје, откако американските напади ги отежнале неговите нуклеарни активности. За овие обвинувања не беа приложени докази.
Особено внимание привлече неговиот одговор на прашањето дали граѓаните на Вашингтон треба да стравуваат од можен ирански напад.
„Ако се случи тоа, ќе ги збришеме“, предупреди Трамп, а на дополнителното прашање дали тоа е ветување, одговори: „Ви давам збор“.
Тој истакна дека на САД не им е потребна помош од Русија или Кина за завршување на војната, тврдејќи дека иранските воени капацитети се значително ослабени.
Според неговите изјави, американските сили ги поразиле иранската морнарица, воздухопловството и противвоздушната одбрана, додека ракетните капацитети биле намалени на само 12 до 13 проценти.
Сепак, „Волстрит журнал“, повикувајќи се на американски функционери, објави дека Иран сè уште располага со меѓу 1.500 и 2.500 ракети, и покрај значителните оштетувања на производствените капацитети.
Тврдењата на Трамп за степенот на уништување на иранските воени капацитети не се независно потврдени.





