Силна експлозија го потресе главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, откако проектил погоди облакодер во кој се наоѓа седиштето на државниот инвестициски фонд на земјата.
Според информациите што ги пренесува „Ројтерс“, постојат сомнежи дека проектилот бил лансиран од јеменските Хути, група поддржана од Иран.
Во нападот биле искршени прозорците на седум до осум ката од кулата на Саудискиот јавен инвестициски фонд (PIF), а оштетени биле и делови од металната фасада.
Веднаш по експлозијата, пристапот до финансискиот кварт бил затворен, а луѓето биле итно евакуирани. Засега нема потврдени информации за загинати или повредени.
Саудиската воена коалиција соопштила дека се соочила со ракетна закана насочена кон Ријад, додека првичните информации укажуваат дека делови од проектил паднале на територијата на градот и предизвикале материјална штета.
Ова е втор напад врз значаен објект во финансискиот центар на Ријад за помалку од две недели. На 8 ноември била погодена и зграда на саудискиот нафтен гигант „Арамко“.
Нападот доаѓа во период на засилени борби во Јемен, каде што Хутите во последните месеци презеле контрола врз дополнителни територии, вклучително и стратешки важни области долж Црвеното Море.
Според информации на „Ројтерс“, саудиските власти проценуваат дека воената кампања во Јемен би можела да продолжи уште шест месеци.
Истовремено, тензиите на Блискиот Исток дополнително се зголемуваат поради поширокиот конфликт меѓу САД, Израел и Иран.
Саудиска Арабија се соочува со нови безбедносни предизвици, додека продолжувањето на судирите се заканува да влијае и врз економските планови на кралството.
Хутите засега не ја презеле одговорноста за нападот, а информациите за потеклото на проектилот сè уште не се официјално потврдени.





