Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на самитот АПЕК во кинескиот град Шенжен предизвика реакции во Европа, откако Трамп јавно го нарече Путин свој пријател.
При приближувањето кон рускиот претседател, Трамп пред новинарите прашал: „Кој е тој?“, а потоа со насмевка одговорил: „Тој е мој пријател!“
На ваквиот поздрав реагираше полскиот премиер Доналд Туск, кој на социјалната мрежа X објави кратка, но впечатлива порака:
„Боже, сочувај нè од такви пријатели.“
Иако во објавата не ги спомена директно Трамп и Путин, пораката беше протолкувана како реакција на нивната срдечна средба.
Загриженост изрази и полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски, кој го постави прашањето кому американскиот претседател би му дал предност доколку мора да избира меѓу Путин и полскиот претседател.
Средбата се одржа во период кога европските лидери продолжуваат со дипломатските разговори за поддршката на Украина и можностите за завршување на војната.
Во Берлин се одржуваат разговори во рамките на таканаречената „Коалиција на подготвените“, на кои учествуваат и американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Во Кина, покрај билатералната средба меѓу Трамп и Путин, се одржаа и заеднички разговори со кинескиот претседател Си Џинпинг. Меѓу темите беа војната во Украина, нуклеарното вооружување и меѓународната безбедност.
Иако тројцата лидери разговараа за повеќе глобални прашања, средбата не донесе јасен пробив во напорите за завршување на војната во Украина.







