27-годишната Мари-Лу од францускиот град Монпелје ненадејно починала на 3 ноември, по тешко труење за кое истражителите се сомневаат дека може да е поврзано со консумирање сушени печурки купени во продавница.
Според информациите на француските медиуми, девојката на 2 ноември консумирала сушени смрчки, а само неколку часа подоцна почувствувала силни стомачни тегоби. Таа веднаш побарала помош од токсиколошкиот центар, по што итната медицинска помош ја пренела во болница.

И покрај брзата реакција на медицинските екипи, Мари-Лу починала следниот ден. Првичните резултати од обдукцијата покажале присуство на печурки во нејзиниот организам, додека се очекуваат дополнителни токсиколошки анализи кои треба да помогнат во утврдувањето на точната причина за смртта.
Поради сомнителните околности и истрагата што е во тек, судот донел одлука да ја забрани кремацијата на телото, за да може да се извршат дополнителни форензички анализи доколку тоа биде потребно.
Семејството првично планирало кремација, но по одлуката на судот девојката била погребана на 13 ноември во Монпелје.
Нејзините најблиски ја паметат како исклучително позитивна личност, полна со живот и љубов кон луѓето. Нејзината голема страст била книжевноста, а преку социјалните мрежи организирала и иницијативи за споделување книги и приближување на литературата до другите.
Во меѓувреме, француските здравствени и земјоделски власти започнале истрага поради сомнежите дека смрчките можеби се поврзани со труењето. Производот од брендот „Champibon“ бил повлечен од продажба, а потрошувачите биле предупредени да не го консумираат доколку го имаат дома.
Сепак, конечната причина за смртта и евентуалната поврзаност со конкретниот производ треба да бидат утврдени со дополнителните анализи.







