Инспекторите за храна во Косово наредија повлекување на сувомесен производ од пазарот откако лабораториските анализи откриле пилешка ДНК во суџук кој бил деклариран како производ исклучиво од говедско месо и маст.
Станува збор за производот „Домашен суџук“ на компанијата „Buquku“ од Пеќ.
Според Агенцијата за храна и ветеринарство, примерокот бил земен во рамки на редовните инспекциски контроли, а анализите биле извршени во лабораторијата „ALIMENTI-OMNILAB“ во Бугарија.
Резултатите потврдиле присуство и на говедска и на пилешка ДНК, иако на декларацијата не биле наведени состојки од пилешко потекло.
По добивањето на резултатите, инспекторите блокирале вкупно 178 килограми месни производи, од кои 120 килограми суџук „Калорик“ и 58 килограми домашен суџук.
Истовремено било наредено запирање на производството на суџук и повлекување на производите од дистрибуција.
Од Агенцијата нагласуваат дека присуството на пилешка ДНК е потврдено само во тестираниот домашен суџук, а не и кај сите производи на компанијата.
Дополнителните проверки треба да утврдат дали било користено механички одвоено пилешко месо или други состојки од пилешко потекло.
Инспекциските контроли ќе бидат проширени и на останатите месни производи на производителот, вклучително и на потеклото на суровините, условите на складирање и усогласеноста на декларациите.
Во меѓувреме, косовската Агенција за храна и ветеринарство соопшти и дека на граничниот премин Генерал Јанковиќ бил одбиен увоз на две пратки со вкупно 12.268 килограми прехранбени производи произведени во млекарница од Тетово.
Станува збор за кремови со растителни масти и производи од сирење.
Според Агенцијата, на производителот претходно му бил забранет извоз поради повторени неправилности поврзани со безбедноста на храната, вклучително и претходни наоди на бактеријата ешерихија коли над дозволените граници.
Надлежните најавуваат дополнителни проверки и мерки за заштита на потрошувачите.







