Од јануари 2026 година, Германија официјално воведува задолжителна воена служба, со што сите мажи од одредена возрасна група ќе мора да се вклучат во новиот систем на регрутација на Бундесверот. Процесот започнува со задолжително пополнување прашалник и подложување на лекарски преглед, а секој обид за избегнување ќе носи сериозни последици.
Според информациите објавени од германскиот весник „Билд“, прашалникот на Бундесверот содржи 14 прашања, со кои се проценува физичката подготвеност, здравствената состојба, но и интересот на младите за приклучување кон вооружените сили. Иако задолжителен е за мажите, можност за доброволно пријавување ќе имаат и жените.
Министерството за одбрана на Германија потврди дека лицата кои нема да одговорат на прашалникот или ќе достават неточни информации, и покрај повторени барања, ќе бидат санкционирани според Законот за административни прекршоци. Казните можат да достигнат и до 1.000 евра, во зависност од тежината на прекршокот.
Од јули 2027 година, лекарскиот преглед станува задолжителен за сите мажи. Непојавувањето без оправдана причина ќе значи директни последици, вклучително и можност лицето да биде приведено со полициска придружба и однесено во регрутациски центар. Од Министерството јасно посочуваат дека полицијата ќе може да интервенира доколку регрутот не се одзове на повикот.
Првите прашалници се планирани да бидат испратени кон средината на јануари 2026 година, а писмата ќе се доставуваат еднаш неделно. Според проценките, Бундесверот секој месец ќе контактира околу 54.000 млади лица низ целата земја.
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, истакна дека целта на новиот систем е модернизација и значително зголемување на бројот на војници. Според плановите, Бундесверот треба да порасне од сегашните 183.000 на дури 270.000 припадници до 2035 година, со што Германија би добила далеку посилни и поорганизирани вооружени сили.
















