Со освежена генерација и нови млади ракометари, македонската репрезентација продолжува да ја негува традицијата на учества на големи натпреварувања. Под водство на селекторот Кирил Лазаров, тимот ќе настапи на Европското првенство 2026 година, каде во групната фаза ќе се соочи со силни противници – Данска, Португалија и Романија.
Лазаров истакна дека за успешниот настап клучна е поддршката од јавноста, особено за младите играчи, бидејќи само двајца од нив имаат повеќе искуство, додека сите останати се под 30 години. „Мислам дека ние пополека го градиме победничкиот менталитет. Респект максимален за сите имаме. Очекувам поддршка за овие млади момци надоградени со двајца поискусни играчи. Ако почувствуваат поддршка, ќе имаат поголем оптимизам и позитивен исход“, изјави Лазаров.
Селекторот нагласи дека подготвителниот период ќе биде посветен на пријателски мечеви, особено за играчите кои во своите клубови немаат доволно минутажа. „Имаме пријателски натпревари за играчите кои добиваат помала шанса во клубовите, за да бидат во оптимална форма како колектив. Нема да имаме физички подготовки толку, туку ќе ги внесеме играчите во оптимална форма за шампионатот“, рече Лазаров.
Првиот пријателски натпревар Македонија ќе го игра на 28 декември против Хрватска, а во јануари тимот ќе учествува на меѓународен турнир каде ќе се соочи со Бахреин, Швајцарија и Украина.
















