ПРВ.мк
Балкан

ФИЛМСКА КРАЖБА: Лажни полицајци упаднале во куќа и одзеле 200.000 евра и килограм злато, на децата им се заканувале со пиштоли!

ФИЛМСКА КРАЖБА: Лажни полицајци упаднале во куќа и одзеле 200.000 евра и килограм злато, на децата им се заканувале со пиштоли!

Во Нови Бечеј, Србија, се случила брутална филмска плачка кога петмина маскирани мажи упаднале во куќата на Штефан С., кој живее и работи во Германија. Напаѓачите, кои се преправале дека се полицајци, од куќата одзеле околу 200.000 евра и еден килограм злато.

Како што пренесуваат регионалните медиуми, повикувајќи се на извори од истрагата, разбојниците за време на плачката им се заканувале на домашните со пиштоли. Во куќата во тој момент имало и шест деца, а напаѓачите се заканиле дека ќе пукаат доколку не им кажат каде се парите, кои Штефан ги заштедил за купување на нова куќа.

Целата драма траела околу 20 минути, по што напаѓачите побегнале со комплетната заштеда на семејството.

„Полиција! Легнете долу!“

Разбојниците упаднале во куќата во вечерните часови, така што најпрво го скршиле комарникот и скокнале во приземјето.

„Влегле низ отворен прозорец во дневната соба со викање: 'Полиција! Легнете долу!'. Веднаш ги совладале двајцата синови на Штефан, на возраст од 29 и 30 години, а потоа и двете жени кои биле таму, од кои едната има 75 години. Во тој момент во просторијата имало и шест деца, од кои најстарото има 11, а најмладото само шест години. Разбојниците ги натерале сите да легнат на подот, а потоа еден од нив му уперил пиштол во главата на едно од децата, барајќи од таткото да каже каде се парите“, открива извор близок до истрагата.

Плашејќи се за животот на своето дете, човекот веднаш кажал каде е сокриен го keшот и накитот. Додека двајца лажни полицајци ги чувале заложниците во приземјето, останатите тројца се качиле на кат и извршиле пребарување. Кога еден од домашните се обидел да крене глава за да види што се случува, бил удрен со кундак од пиштол во главата, со закана дека следниот пат ќе биде убиен.

Синот зборувал со таткото во Германија во моментот на упадот

Интересно е што во моментот кога лажните полицајци провалувале, едниот од синовите разговарал на телефон со својот татко Штефан, кој бил во Германија. Таткото ги слушнал криковите и извиците „Полиција!“, по што веднаш ја прекинал врската и го побарал својот брат кој живее во близина во Нови Бечеј, за да провери што се случува.

Братот веднаш повикал полиција и со сопругата се упатил кон куќата. Меѓутоа, кога влегол во дворот, налетал директно на разбојниците кои веќе излегувале. Со извици „Полиција, легни долу!“, лажните полицајци ги принудиле и нив да легнат на земја, им ги одзеле и ги фрлиле мобилните телефони, а потоа влегле во сиво „Ауди А4“ со австриски регистарски таблички и побегнале.

Го запалиле автомобилот за да ги сокријат трагите

Вистинската полиција пристигнала само две минути по бегството на ограбувачите. Веднаш била распишана потера и биле засилени контролите на патиштата, но криминалците успеале да побегнат. Во текот на бегството, тие ги извадиле австриските таблички, а на периферијата на Зрењанин го полиле автомобилот со бензин и го запалиле за да ги уништат доказите.

Полицијата изврши увид на местото на настанот и интензивно работи на идентификација и апсење на сторителите.

Штефан С.: „По ова, не верувам никому“

Сопственикот на куќата, Штефан С., во куса изјава за медиумите истакна дека е во шок и дека се плаши за безбедноста на своето семејство.

„Се плашам. По ова што се случи, веќе никому не верувам. Ова не би го пожелел ниту на најголемиот непријател. Сакавме да купиме уште една куќа. Јас и сопругата работиме во Германија повеќе од 30 години. Штедевме. Никому не кажавме дека планираме да купиме недвижност, но очигледно некои дознал. Се надевам дека полицијата брзо ќе ги фати плачкашите“, изјави преплашениот сопственик.

Најнови вести