Германските вооружени сили започнуваат радикална модернизација со формирање специјални единици што ќе користат камиказе дронови – системи способни да кружат над фронтот и да извршат удар врз целта со висока прецизност. Според функционерот на Бундесверот, Кристијан Фројдинг, првата ваква единица треба да стане оперативна до 2027 година, а потоа ќе следат уште пет до 2029 година, објави „Дер Шпигел“.
Тој објасни дека тестирањето на овие системи веќе е започнато и дека првата батерија со среден дострел ќе биде подготвена за употреба во предвидениот рок. По неа ќе бидат активирани уште пет единици што ќе ја сочинуваат новата германска структура за напредно беспилотно војување.
Камиказе дроновите ќе имаат можност да летаат над фронтовската линија, да го набљудуваат теренот и потоа да го нападнат непријателот. Паралелно со нив, планирано е распоредување и нов систем за оружје со долг дострел до 2029 година. Како што се наведува, една батерија ќе биде еквивалентна по сила на чета од 60 до 150 војници, што покажува колкав капацитет носат овие нови технологии.
Новите системи ќе имаат задача да идентификуваат непријателски беспилотни летала и да обезбедат одбрана од воздушни закани низ цела Германија. Фројдинг истакна дека боиштата на иднината ќе бидат доминирани од податоци и примена на вештачка интелигенција, кои ќе станат „муниција за војување“ во модерните конфликти.

















