ПРВ.мк
Балкан

Децении подоцна, раните не зараснуваат: Уште десет жртви ќе бидат погребани во Поточари!

Децении подоцна, раните не зараснуваат: Уште десет жртви ќе бидат погребани во Поточари!

Во Меморијалниот центар во Поточари денес ќе бидат погребани посмртните останки на уште десет жртви од геноцидот во Сребреница, со што ќе биде одбележана 31-годишнината од најтешкото масовно злосторство извршено во Европа по Втората светска војна.

Посмртните останки на жртвите биле пронајдени во масовни гробници на подрачјата на Братунац, Зворник, Власеница и Сребреница. По повеќе од три децении, дел од нив конечно ќе бидат погребани покрај своите најблиски – татковци до синови, браќа до браќа и други членови на семејствата.

За голем број идентификувани жртви, семејствата сè уште не дале согласност за погреб, очекувајќи да бидат пронајдени и останатите делови од нивните посмртни останки.

На одбележувањето и годинава присуствуваат илјадници луѓе од Босна и Херцеговина, земјите од регионот и дијаспората. Повеќе од 6.000 учесници на 8 јули тргнаа од Незук на традиционалниот тридневен „Марш на мирот“, минувајќи околу 100 километри по патеката по која во јули 1995 година илјадници Бошњаци се обидувале да стигнат до слободна територија.

И по 31 година, потрагата по исчезнатите сè уште не е завршена. Според Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина, сè уште се трага по околу 900 лица кои исчезнале за време на геноцидот.

Во Подрињскиот идентификациски проект се чуваат останките на десет идентификувани жртви чии семејства сè уште не дале согласност за погреб, како и десетици други останки чија идентификација сè уште не е целосно завршена.

Преживеаниот од геноцидот и претставник на Меморијалниот центар, Хасан Хасановиќ, во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации потсети дека жителите на Сребреница верувале оти меѓународната заедница нема да ги остави сами, откако градот во 1993 година бил прогласен за заштитена зона на ОН.

„Погрешивме“, изјави Хасановиќ, потсетувајќи дека во јули 1995 година повеќе од осум илјади бошњачки мажи и момчиња биле систематски убиени, додека илјадници жени, деца и постари лица биле присилно протерани од своите домови.