ПРВ.мк
Балкан

Додик изрази огромна благодарност: Трамп ги укина санкциите за Република Српска!

Додик изрази огромна благодарност: Трамп ги укина санкциите за Република Српска!

Лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и поранешен претседател на Република Српска, Милорад Додик, јавно му се заблагодари на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговите соработници за укинувањето на санкциите против него и други функционери од РС. Тој ја оцени оваа одлука како „не само правна, туку и морална рехабилитација на вистината за Република Српска и сите кои ѝ служат чесно“.

Додик потенцира дека санкциите воведени од администрациите на Барак Обама и Џозеф Бајден биле резултат на лажни обвинувања и пропаганда, која според него создавала хаос во Република Српска. „Денес е јасно – таа никогаш нема да падне“, додаде тој.

Српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, која исто така беше отстранета од американската „црна листа“, изјави дека по слетувањето во Париз ја пречекала „добра вест“ за укинување на санкциите за 30 физички и повеќе правни лица од Република Српска, вклучувајќи ги и врвните функционери.

Претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, оцени дека укинувањето на санкциите е последица на „нови политички околности“ и дека тоа испраќа јасна порака дека Република Српска секојдневно станува посилен политички фактор.

Министерството за финансии на САД ги избриша од списокот на санкционирани лица Милорад Додик, Жељка Цвијановиќ, Ненад Стевандиќ и уште 43 други физички и правни лица кои претходно беа на „црната листа“ поради наводни обиди за нарушување на Дејтонскиот договор и поврзани криминални активности.

Не дознавај последен- читај ПРВ.мк

Escape