ПРВ.мк
Балкан

АНЕМ ja алармира јавноста: Вучиќ обвинува новинари за можни инциденти на 1 ноември

АНЕМ ja алармира јавноста: Вучиќ обвинува новинари за можни инциденти на 1 ноември

Асоцијацијата на независни електронски медиуми (АНЕМ) остро реагираше на изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој во јавноста изјави дека на претстојниот собир во Нови Сад „на 1 ноември никој нема да предизвикува насилство, освен новинарите на кои новинарските здруженија им делат шлемови“.

Организацијата предупредува дека ваквата реторика е исклучително опасна и претставува директно поттикнување на насилство кон новинарите, кои веќе се изложени на бројни ризици.

Изјавата на Вучиќ беше дадена во Узбекистан, како одговор на новинарско прашање за најавениот комеморативен собир во Нови Сад, посветен на една година од трагедијата на железничката станица во која загинаа неколку лица. Здруженијата НУНС и УНС претходно најавија дека ќе им обезбедат заштитна опрема на новинарите кои ќе известуваат од настанот, поради зголемените безбедносни ризици.

„Овие новинари можеби мислат дека одат во Судан. Тие би сакале да видат војни и конфликти. Можат да предизвикаат еднократно насилство, по што сите ќе бидат уапсени,“ изјави Вучиќ, додавајќи дека „државата има поважни проблеми од нивните трикови“.

АНЕМ нагласува дека ваквиот говор на претседателот создава непријателска атмосфера и поттикнува омраза кон новинарите, кои веќе се мета на напади, како од граѓани, така и од полицијата која треба да ги штити.

Во соопштението, организацијата потсетува дека безбедноста на новинарите во Србија е на загрижувачко ниво, а состојбата се влошила особено по минатогодишниот собир на 1 ноември. Според податоците на Фондацијата „Славко Ќурувија“, претставници на власта во септември 141 пат вербално напаѓале новинари, а „Репортери без граници“ регистрирале 89 физички напади во последната година.

АНЕМ укажува дека ваквата реторика им дава „ветер во грб“ на про-владини таблоиди и телевизии со национална фреквенција, кои продолжуваат со негативни кампањи и таргетирање на критичките медиуми.

Организацијата апелира до властите итно да престанат со јавни обвинувања и напади кон новинарите, бидејќи тоа може да има „сериозни и опасни последици“ врз нивната безбедност и слободата на медиумите.

АНЕМ потсетува дека известувањето за протести и настани од јавен интерес е една од основните задачи на новинарството во демократско општество, и дека секое обвинување дека новинарите предизвикуваат насилство е „недопустливо и опасно“.

Во апелот, асоцијацијата ги повикува и меѓународните организации и Европската комисија да ја осудат ваквата реторика, а новинарите да пријавуваат секој вид закани и напади. За пријавување на загрозување на безбедноста, на располагање им стои бесплатната 24-часовна телефонска линија „Сигурна линија“ (0800 100 115).

Не дознавај последен- читај ПРВ.мк

Escape