Во сабота православните христијани ја одбележуваат Митровденската задушница, ден посветен на молитви и сеќавање на сите починати. Овој ден има длабока духовна симболика и потсетува дека молитвата за мртвите ја поврзува земјата и небото.
Задушниците се одбележуваат четирипати годишно, секогаш во сабота — денот што Црквата го посветила на помен и молитва за упокоените. На овој ден се оди во црква, се служи литургија и парастос, а потоа се посетуваат гробиштата каде што верниците палат свеќи, носат варено жито и лепче осветено со црвено вино.
Митровденската задушница се паѓа секогаш во саботата пред празникот Св. великомаченик Димитриј (Митровден). Воведена е уште во XIV век и најпрво се славела во Русија, а потоа се проширила во сите православни земји. Првично, овој ден бил посветен само на православните војници што загинале бранејќи ја верата и татковината, меѓу кои и монасите Александар Пересвјат и Ослабја.
Историски, по победата во битката кај Куликовското поле во 1380 година, кнезот Димитриј Донски го воспоставил овој помен во чест на паднатите христијански војници. Оттогаш Црквата одлучила секоја година во саботата пред Митровден да се врши молитва не само за нив, туку и за сите починати.
Според црковното предание, свеќата што се пали за мртвите ја симболизира Христовата светлина, која го осветлува патот на душата. Ако не може да се посетат гробовите, во црквата се запалува свеќа и се служи панихида за покој на нивната душа.
На Задушница се дава милостина — храна, пијалак или помош на сиромашни луѓе, бидејќи според верата, секој добар чин направен во спомен на починатите им носи духовна светлина и мир.
Храната што се носи на гробиштата нема литургиски карактер, туку претставува народен обичај. Се приготвува леб од бело брашно („просфори“), се вари жито, а се носи и вино, ракија, вода или пиво.
Важно е да се знае дека Задушница никогаш не паѓа во време на пост, бидејќи секогаш се одбележува во сабота – денот пред Воскресението Христово.
Според народното верување, наутро веднаш штом ќе се разбудите, треба да запалите свеќа за сите блиски кои веќе не се меѓу живите и да се помолите за нивниот мир. Тоа се смета за благословен почеток на денот.
А она што не треба да се прави на овој ден е да се заборават молитвата и милостината — бидејќи, како што учи Црквата, најголемиот дар што можеме да го дадеме за мртвите е љубовта, споменот и молитвата за нивната душа.













