Првиот црногорски сателит „Луча“ беше успешно поставен во ниската Земјина орбита (LEO) во неделата, користејќи ракета Сојуз од космодромот Восточни, близу границата помеѓу Русија и Кина.
Директорот на организацијата „Вселенски истражувања на Црна Гора“ (MSR), Филип Јовиќевиќ, истакна дека со ова Црна Гора прави историски технолошки исчекор. Лансирањето претставува почеток на поширока визија: развој на првата црногорска ракета, најпрво суборбитална, а подоцна и орбитална.
Јовиќевиќ нагласи дека тимот има знаење, капацитет и визија за остварување на оваа цел, што би претставувало најголем технолошки пробив во историјата на земјата. Тој додаде дека паралелно ќе се продолжи со промоција на науката, технологијата и инженерството, со цел создавање генерации инженери кои ќе го развиваат идниот вселенски потенцијал на Црна Гора.
















