Од денес, припадниците на словенечката армија официјално ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако Владата на Словенија го активираше членот 37 од Законот за одбрана, кој овозможува воен ангажман во вакви околности, пренесува агенцијата СТА.
Со оваа одлука, полицијата ќе биде делумно растеретена од дел од своите задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на земјата, каде што во последно време е зголемена активноста на нелегалната миграција.
Според Законот, словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата при заштита на националната територија, но немаат полициски овластувања при извршување на своите задачи.
Владата ја донесе оваа одлука на вчерашната седница поради, како што се наведува, влошената безбедносна ситуација во југоисточна Словенија. Премиерот Роберт Голоб појасни дека армијата ќе биде ангажирана во ограничен обем и само за конкретни задачи на границата, со цел да ги растерети полициските сили во регионите каде што притисокот од мигранти е најголем.
Според информациите од Главната полициска управа, околу 40 припадници на словенечката армија ќе бидат дел од оваа операција за заштита на границата. Првично, соработката ќе се спроведува во подрачјето на Полициската управа Ново Место, но доколку е потребно, може да се прошири и на други региони каде што полицијата се соочува со зголемени безбедносни предизвици.
Оваа мерка, според словенечките власти, е превентивна и временска, со цел да се обезбеди стабилност и контрола на границите во период на зголемени миграциски текови.
















