Европската Унија испрати силен сигнал до Тирана: 33,5 милиони евра од програмата ИПАРД 2 мора веднаш да се вратат, откако беа нерегуларно искористени во периодот 2020 – 2022 година.
Истражувањето на Европската канцеларија за борба против измами (OLAF) откри 52 случаи на злоупотреба на земјоделски фондови кои ЕУ ги обезбедува за албанските земјоделци и земјоделско-прехранбениот сектор.
Европската комисија истакна дека секој износ што е користен на нерегуларен начин мора да биде вратен и дека Албанија треба да го третира ова прашање со најголема сериозност.
Локалните медиуми укажуваат дека Албанија има негативен рекорд во регионот за злоупотреба на фондови, надминувајќи дури и Турција. Поради тоа, ЕУ ги суспендираше и средствата од ИПАРД 3 – вкупно 146 милиони евра, од кои 112 милиони доаѓаат директно од Брисел. Доколку Албанија не спроведе итни корективни мерки, ризикува да ги изгуби сите средства до 2027 година.
Паралелно, во тек е билатерална постапка за проверка дали албанската влада може да ја врати довербата на ЕУ, додека албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК) истражува кои се корисниците на средствата и деталите за злоупотребите.
















