Денеска, во претседателскиот Кабинет, 270 деца од скопските основни училишта „Вера Јоциќ“, „Лазо Ангеловски“ и „Димитар Македонски“, како и од градинките „Буба Мара“ и „Лилипут дворче“, присуствуваа на церемонијата на свечено менување на државното знаме.
Учениците ја пееја химната, интонирана од македонскиот воен оркестар во придружба на воениот оркестар на Вооружените сили на Романија, кој престојува во земјата по повод заедничкиот предновогодишен концерт.
Во придружба на наставници, образовни асистенти и едукатори, децата го проследија свечениот чин изведен од Баталјонот за почести при македонската армија.
По церемонијата, тие разгледаа диптих на академик Глигор Чемерски – „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“ – како и работната просторија на претседателката.
Во разговор со претседателката, децата зборуваа за нивните активности, подготовките за новогодишните приредби и испеаја омилени песнички. Следеа прашања за претседателската функција, работните обврски, детството, основното образование, домашните миленици, омилените книги и музика.
Претседателката ги советуваше да учат, да спортуваат, да цртаат, да ја чуваат природата и животната средина, да се дружат и да не се навредуваат.
















