Претседателката на бугарското Народно собрание и поранешна советничка на претседателот, Наталија Киселова, официјално го врати барањето на шефот на државата, Румен Радев, за одржување референдум за воведување на еврото од 2026 година.
Со ваквиот чекор, бугарскиот Парламент нема да расправа за иницијативата на претседателот, што практично го оневозможува и евентуалното повикување на Уставниот суд, бидејќи за тоа е потребна претходна одлука на Собранието.
Во официјалното соопштение од прес-службата на парламентот се наведува дека иницијативата за референдум е вратена како правно недозволена. Во образложението на Киселова се посочува дека предлогот е во спротивност со Уставот на Бугарија, Договорот за функционирање на Европската Унија, Договорот за пристапување на Бугарија во ЕУ, како и со Законот за директно учество на граѓаните во државната власт и локалната самоуправа.
Дополнително, според Киселова, иницијативата и придружните образложенија не се усогласени со претходната одлука на Уставниот суд, донесена по иницијативата на партијата „Преродба“ за сличен референдум.
Во меѓувреме, бугарскиот премиер Росен Желјазков и гувернерот на Бугарската народна банка, Димитар Радев, потпишаа заедничка изјава за поддршка на планот за воведување на еврото во земјата од 1 јануари 2026 година.
По одлуката, претседателот Румен Радев остро реагираше, оценувајќи дека новото парламентарно мнозинство „во страв од гласот на граѓаните“ ја нарушило уставната рамка и законите, користејќи ја претседателката на Собранието за политички цели.
„Овој потег ја урива и последната доверба во институциите и го разоткрива нивното лицемерие кога тврдат дека работат во интерес на граѓаните и ја почитуваат нивната волја“, истакна Радев.