Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес го одржа своето прво големо обраќање пред Бундестагот, само една недела по стапувањето на функцијата, во момент на интензивирани подготовки за мировни преговори меѓу Украина и Русија во Истанбул. Во говор посветен исклучиво на безбедносните предизвици, Мерц ја истакна неопходноста Германија да преземе поактивна и поодлучна улога на глобалната сцена, особено во одбраната на Европа од руската агресија.
Обраќајќи се пред пратениците, канцеларот нагласи дека Германија ќе направи сè што е во нејзина моќ за поддршка на мировните иницијативи, но истовремено предупреди дека Западот не смее да прифати „наметнат мир“ или „статус кво воспоставен со сила од Русија“. Тој ја подвлече важноста на трансатлантското единство и му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за поддршката на иницијативата за прекин на огнот во Украина.
„Таков прекин на огнот може да отвори простор за вистински мировни преговори“, изјави Мерц.
„Клучно е политичкиот Запад да остане обединет. Ќе вложам максимум напор за да ја зачуваме најголемата можна кохезија меѓу европските и американските партнери.“
„Исходот на овој конфликт ја определува иднината на Европа“
Канцеларот остро ја осуди Русија за кршење на сите правила што го регулирале заедничкиот соживот во Европа од крајот на Втората светска војна.
„Станува збор за ништо помалку од мирот на целиот наш континент“, рече тој.
„Исходот на оваа војна нема да ја одреди само судбината на Украина – ќе реши дали владеењето на правото и меѓународниот поредок ќе опстанат во Европа и светот или ќе преовладуваат тиранијата, воената сила и правото на посилниот.“
Германија ќе гради најсилна армија во Европа
Во вториот дел од говорот, Мерц се осврна на внатрешната безбедност и на одбранбените капацитети на земјата. Тој најави систематско проширување и финансиско јакнење на Бундесверот, со цел Германија да ја изгради „најмоќната конвенционална војска во Европа“.
„Сакаме да бидеме способни да се браниме – за никогаш повеќе да не мораме да се браниме“, нагласи канцеларот.
„Силата одвраќа, слабоста провоцира агресија.“
Најавена нова форма на воена служба
Неговите зборови беа поздравени со бурен аплауз од страна на пратениците. Мерц оцени дека ваквата одлука е „во целост соодветна“ за најнаселената и економски најмоќната земја во Европа.
Како дел од реформите, тој најави воведување на нов облик на доброволна воена служба, која ќе биде атрактивна за младите и ќе одговори на кадровските потреби на германските вооружени сили.