САД и Европа го убедувале Зеленски да не се повлече од преговорите со Русија
Американски и европски претставници извршиле притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да не се повлече од претстојните преговори со Русија во Истанбул, пренесе денеска Вашингтон пост, повикувајќи се на добро информирани извори.
Според информациите на весникот, Зеленски изразил сериозно незадоволство од текот на дипломатските активности и дури размислувал целосно да се повлече од преговорите, одбивајќи да испрати официјални претставници на средбата во Турција.
Во обид да спречат дипломатски застој, западните сојузници побарале од Зеленски барем да испрати висока делегација, дури и ако тој самиот не присуствува. Меѓу предложените претставници биле шефот на кабинетот на претседателот, Андриј Јермак, и министерот за надворешни работи, Андриј Сибиха. Но, украинскиот лидер, според изворите, останал воздржан и со отпор ја примил идејата.
Соговорниците на Вашингтон пост истакнуваат дека Западот го смета украинското присуство на преговорите како клучно за одржување на дипломатската иницијатива и за спречување на понатамошна ескалација на конфликтот.