ПРВ.мк

Протест по пресудата за прегазувањето на Фросина Кулакова: Семејството се сомнева во правен инженеринг

Протест по пресудата за прегазувањето на Фросина Кулакова: Семејството се сомнева во правен инженеринг
Jumbo Banner

Неколку десетици граѓани денеска попладне протестираа во Скопје, носејќи транспаренти и фотографија од Фросина Кулакова, која беше трагично прегазена на булеварот „Партизански одреди“. Протестот започна токму од местото на несреќата и заврши пред Основниот кривичен суд.

Протестот, предводен од семејството на Фросина, следува по вчерашното изрекување на казната од 12 години затвор за Васил Јованов, кој ја призна вината за сообраќајката. Семејството и присутните не се согласуваат со висината на казната, бидејќи бараа максимална казна од 20 години затвор.

Дополнително негодување предизвика и укинувањето на пресудата на скопска Апелација од страна на Врховниот суд, со која Јованов беше осуден на три години и десет месеци затвор за поседување и трговија со наркотици.

„Во моментов имаме силен сомнеж дека се случува еден цел правен инженеринг нормално тешко криминален. Сега и Врховен суд некој го вклучува во сценариото и излегува со крајно сомнителен термин, го враќа предметот на Васо за дилерство со дрога повторно на Апелација и тоа од чисто формални причини. Ќе бараме одговорност од сите кои се дел од оваа нова судска афера само да се намали казната на убиецот Васо. Очигледна е намерата со игра на датуми да се створи правна конфузија во целата оваа игра што ни ја прават. Сега одбраната ќе бара на Апелација да му се намали казната, бидејќи како отежителна околност во Судот беше тоа што фактички тој бил дилер на дрога“,
изјави Тодор Кулаков, татко на Фросина.

Тој додаде дека правосудниот систем, наместо да обезбедува правда, продуцира неправди и го поткопува моралот во општеството.

„Тешко да го речеме правосуден бидејќи во самиот корен на зборот е во колизија со она што значи, прави и произведува. Произведува длабоки неправди, произведува голема дехуманизација на целото општество и произведува и стимулира нови и нови Васовци“,
рече Кулаков.

Фросина Кулакова беше прегазена на крајот на јануари оваа година во сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“. За настанот, Основниот кривичен суд вчера му изрече затворска казна од 12 години на Васил Јованов. Семејството најави дека ќе продолжи да се бори за целосна правда.

Фото: Телма

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран