Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави за ТВ24 дека утре официјално ќе ја поднесе својата оставка од функцијата, откако Алијансата за Албанците донесе одлука да ја напушти владината коалиција и да премине во опозиција.
Со оваа одлука, се очекува сите функционери од редовите на партијата, вклучително и директорите на јавни претпријатија, да се повлечат од своите позиции. Таравари најави дека оставката ќе ја поднесе во понеделник, а потоа, на седницата на Собранието во вторник, треба да бидат потврдени оставките на останатите партиски претставници.
Неизвесна останува само позицијата на вицепремиерот за добро владеење, Фетаи. Тој засега одбива јасно да се изјасни дали ќе го следи партискиот курс. На новинарско прашање дали ќе ја напушти Владата, кусо одговорил: „Ќе видиме, има време“.
Иако засега нема официјална потврда за можна коалиција со ДУИ и Европскиот фронт за претстојните избори, шансите за такво сценарио, според политички извори, се зголемуваат.
Односите меѓу премиерот Христијан Мицкоски и министерот Таравари, кои досега беа коректни и исполнети со заемна почит, очигледно се променети по најавата за напуштање на Владата. Според информации, Мицкоски се откажал дури и од најавеното „кафе за збогум“ со Таравари.