ПРВ.мк
Балкан

АЛАРМ ЗА ТУРИСТИТЕ ВО ГРЦИЈА: Црвениот крст издаде итно предупредување – ако ве касне риба-зајак, веднаш побарајте лекарска помош!

АЛАРМ ЗА ТУРИСТИТЕ ВО ГРЦИЈА: Црвениот крст издаде итно предупредување – ако ве касне риба-зајак, веднаш побарајте лекарска помош!

Грчкиот Црвен крст упати важно предупредување до туристите и капачите по инцидент на плажата во Пефкохори на Халкидики, каде што туристка од Србија била касната од риба-зајак (Lagocephalus sceleratus) додека влегувала во морето.

Според нејзиното сведоштво за грчката телевизија ANT1, таа била во вода длабока до колена кога одеднаш почувствувала силна болка во глуждот. Кога погледнала надолу, видела голема риба која неколку моменти не го пуштала нејзиниот зглоб.

„Почувствував дека нешто ме гризе и не ме пушта. Кога ја видов рибата, сфатив дека станува збор за лагоцефалус. Се исплашив, почнав да ја тресам ногата за да се ослободи, а потоа веднаш истрчав од морето и почнав да плачам“, изјавила туристката.

По инцидентот, Грчкиот Црвен крст објави препораки за тоа како треба да се постапи доколку дојде до каснување од риба-зајак. На граѓаните им се советува веднаш да ја измијат раната со чиста вода и сапун, да не користат антисептици без препорака од лекар, да извршат притисок врз раната со чиста крпа или завој за да го запрат крварењето, да го држат повредениот екстремитет подигнат и што е можно побрзо да побараат медицинска помош.

Рибата-зајак, позната и како лагоцефалус, е инвазивен вид кој во последните години сè почесто се среќава во водите на Грција и пошироко во источниот Медитеран. Потекнува од Црвеното Море и е препознатлива по исклучително силните заби, со кои може да предизвика сериозни повреди.

Научните податоци покажуваат дека каснувањата од овој вид се ретки, но можат да бидат сериозни. Во медицинската литература се опишани случаи во Турција, Грција, Кипар, Либија и Сирија, при што во еден документиран случај осумгодишно девојче претрпело тешки повреди на прстите по напад од риба-зајак.

Експертите нагласуваат дека најголемата опасност не е самиот угриз, туку консумирањето на оваа риба. Нејзините органи содржат тетродотоксин – силен невротоксин кој може да предизвика парализа и да биде животозагрозувачки доколку се внесе во организмот.

Поради сè поголемото присуство на овој инвазивен вид и штетите што ги предизвикува врз морскиот екосистем и рибарството, грчката влада неодамна воведе финансиски стимул за рибарите, нудејќи 5,33 евра за секој килограм уловена риба-зајак, со цел да се намали нејзината бројност во грчките води.

Најнови вести