Српскиот државјанин Душан Перичиќ (41), кој беше уапсен на почетокот на јуни на аеродромот во Амстердам додека се обидувал да отпатува за Србија, е екстрадиран во Соединетите Американски Држави. Американските власти го товарат дека учествувал во транспорт и продажба на повеќе од 260 украдени луксузни часовници со вкупна вредност од околу 1,4 милиони долари.
Од Канцеларијата на американскиот обвинител соопштија дека по првото појавување пред Федералниот суд во Бостон, на Перичиќ му е одреден притвор до почетокот на судскиот процес.
Според обвинението, Перичиќ учествувал во организирањето на транспортот и продажбата на 36 од вкупно 269 луксузни часовници, украдени од продавница на карипскиот остров Сен Бартелеми (Сент Барт).
Обвинителството тврди дека на 21 декември 2021 година тој пренел 36 украдени часовници од Мајами до Пибоди, во американската сојузна држава Масачусетс, каде ангажирал трговец со луксузни часовници за нивна продажба. Еден од часовниците, според обвинението, бил продаден на Флорида за 34.300 долари.
Перичиќ бил уапсен на 4 јуни на аеродромот во Амстердам, додека чекал лет за Србија. Според медиумските информации, по него биле распишани две меѓународни потерници во февруари и март 2023 година.
Тој се товари за поседување, транспорт и продажба на украдена стока, како и за заговор за извршување на овие кривични дела.
Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна до 15 години и парична казна до 500.000 долари.








