ПРВ.мк
Балкан

ПАНИКА МЕЃУ ТУРИСТИТЕ: Маж исчезна по скок од легендарниот мост - Ова се деталите

ПАНИКА МЕЃУ ТУРИСТИТЕ: Маж исчезна по скок од легендарниот мост - Ова се деталите

Вистинска драма се одвивала во Мостар кога непознат маж скокнал во реката Неретва од познатата туристичка атракција – Стариот мост, по што накратко исчезнал под водата и предизвикал паника кај присутните.

Според очевидци, инцидентот се случил пред голем број посетители, кои во страв го следеле развојот на настаните. За среќа, благодарение на брзата реакција на членовите на локалниот клуб на скокачи и кајакари, избегната била можна трагедија.

На снимки кои се појавија на социјалните мрежи може да се забележи вознемиреноста кај присутните, но и брзата спасувачка интервенција која следувала само неколку секунди по скокот.

Идентитетот на мажот засега не е официјално утврден, а според првичните информации се претпоставува дека станува збор за странски државјанин.

Ова не е прв ваков случај на истата локација. На 27 јуни 2025 година, друг маж скокнал од Стариот мост и паднал во близина на чамец во кој се наоѓале повеќе лица, што тогаш предизвика бурни реакции кај локалното население.

Иако Стариот мост е симбол на Мостар и светски позната атракција за скокови во Неретва, експертите предупредуваат дека станува збор за исклучително ризична активност. Висината на мостот, силните речни струи и ниската температура на водата претставуваат сериозна опасност, особено за лица без соодветна подготовка и искуство.