Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, најави дека првата муниција од фабриката што ќе биде изградена во Ѓаковица ќе биде произведена кон крајот на 2026 година. Владата на Косово во петокот го одобри експроприрањето на земјиштето на поранешниот земјоделски комбинат Еренику кај Ѓаковица, со цел изградба на индустриска зона каде ќе се подигне фабриката за муниција.
„Со тоа го отвораме патот за изградба на првата фабрика за муниција во Косово, која ќе ѝ служи на нашата војска, ќе ја зголеми безбедноста и дополнително ќе ги унапреди одбранбените капацитети“, изјави Курти на почетокот на седницата на Владата.
Проектот за фабриката е дел од долгорочната стратегија на Косово за развој на домашна воена индустрија. Процесот започна во ноември минатата година со најавата за отворање фабрика за производство на муниција и лабораторија за дизајнирање дронови. Во декември 2024 година, Владата потпиша договор со турскиот производител „Makine ve Kimya Endüstrisi“ за изградба на фабриката.
Курти нагласи дека индустриската зона нема да служи само за производство на муниција. „Покрај фабриката за муниција, оваа зона ќе овозможи и производство на различни видови воени производи, како и воени и цивилни дронови ‘Made in Kosovo’. Во соработка со други инвеститори, очекуваме дополнителни проекти кои ќе ја унапредат домашната индустрија“, рече тој.
Премиерот истакна дека Косовските безбедносни сили, кои денес го одбележуваат својот ден, се веќе опремени со современа опрема, а новата фабрика дополнително ќе ја зајакне нивната оперативна способност.
Со изградбата на фабриката, Косово се приближува кон стратегиската цел да развие самостојни одбранбени капацитети и домашно производство на воени средства.















