Градовите Сандански и Петрич прогласија вонредна состојба поради невремето кое го зафати југозападниот дел на Бугарија. Во само неколку часа паднале огромни количини дожд – од 20 до дури 80 литри на квадратен метар, што предизвика излевање на вода, поплавени улици, оштетени мостови и потопени подрумски простории.
Состојбата е најкритична во селата околу Сандански – Лешница, Леуново, Склаве, Лилјаново, Ново Делчево и Џигурово, потврди градоначалникот Атанас Стојанов. Поплави се пријавени и во самото градско подрачје, како и на берзата за зеленчук кај селото Крналово.
Невремето предизвика сериозни проблеми и во сообраќајот. Поради свлечишта, на автопатот „Струма“ во правец на Софија сообраќајот е ограничен на една лента, а воведена е и забрана за возење над 60 км/ч. Целосно е затворен патот од Петрич до селото Митино, а возачите се предупредуваат да бидат исклучително внимателни и да користат алтернативни насоки.
На терен интервенираат спасувачки екипи и пожарникари. Едно семејство со автомобил е извлечено од поплавена зона на влезот на Сандански, а операциите продолжуваат и понатаму за да се спречат поголеми штети.
Националниот институт за метеорологија и хидрологија при БАН издаде највисок степен на предупредување. За Петрич, Сандански и Струмјани е прогласен црвен аларм, за Хасково, Крџали, Смолјан, Пазарџик, Благоевград и Ќустендил портокалов, додека за девет области и Софија важи жолт аларм.
Ситуацијата и натаму се менува, а властите упатуваат апел до населението да ги следи официјалните упатства и да избегнува движење во ризичните подрачја.















