Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на денешната седница за пратенички прашања во Собранието објави големи инвестиции и проекти за модернизација на Македонски Железници.
Со средства обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од речиси 21 милион евра, Македонија ќе набави најмалку 5 нови електрични локомотиви. Според Николоски, ова ќе овозможи целокупниот карго превоз во земјава да се опслужи со електрични локомотиви, што се очекува да се реализира веќе од 2028 година, со оглед на рокот за испорака од две години.
„Минатата година имавме нула активни локомотиви, а сега имаме 11, од кои 4 се понови и 7 постари. Со новите 5 електрични локомотиви и овие што ги имаме, ќе можеме да го опслужиме целиот карго превоз“, истакна Николоски.
Дополнително, министерот соопшти и дека Македонски Железници-Транспорт е пред потпишување договор со железниците на Австрија. Според договорот, македонските локомотиви ќе се користат за карго превоз на релација Пиреа, Атина – Виена. Овој проект ќе донесе значителен финансиски бенефит за Македонски Железници-Транспорт, а комуникацијата меѓу директорите на двете железници веќе е започната.
Со овие чекори, Македонија го зацврстува својот транспортен сектор и ја модернизира железничката инфраструктура, овозможувајќи поефикасен и поконкурентен карго превоз на меѓународно ниво.
















