Бројот на жртви од катастрофалниот пожар во станбен комплекс во Таи По, Хонг Конг, се зголеми на 75 лица. Претходно беше објавено дека најмалку 65 луѓе загинале, додека најмалку 70 се повредени.
Пожарот избувнал на бамбусови скелиња и градежни мрежи, а потоа се проширил на седум од осумте згради во комплексот. Пожарникарите од вчера попладне се обидуваат да го стават огнот под контрола, но условите се екстремно тешки. Околу 900 жители биле евакуирани во привремени засолништа.
Лидерот на Хонг Конг, Џон Ли, истакна дека 279 лица се водат за исчезнати, но градските власти не објавија нови детали за тоа колку луѓе сè уште се во уништените згради.
Заменик-директорот на противпожарната служба, Вонг Ка-винг, изјави дека спасувачите напредуваат кат по кат со голема внимателност, пребарувајќи ги урнатините и обидувајќи се да спасат што повеќе луѓе. „Не ја исклучуваме можноста да пронајдеме уште повредени лица“, додаде тој.
Според противпожарната служба, повредени се повеќе од 70 лица, меѓу кои 11 пожарникари, кои се здобиле со повреди додека ги извршувале спасувачките операции.
















