Поранешниот директор на јавното комунално претпријатие „Водовод“ во Бор, Горан Павиќ, денеска треба да сведочи пред Вишиот суд во Неготин, во продолжението на судскиот процес против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Неговото сведочење би можело да разјасни дополнителни околности поврзани со случајот, бидејќи двајцата обвинети во моментот на исчезнувањето на девојчето биле вработени во претпријатието и извршувале работни задачи во Бањско Поле.
Павиќ по апсењето на своите вработени поднел неотповиклива оставка од директорската функција, наведувајќи дека одлуката ја донел од морални причини.
Таткото на обвинетиот Дејан Драгијевиќ, Радослав, претходно изнел тврдења дека поранешниот директор наводно го наместил апсењето на неговиот син.
Павиќ категорично ги отфрлил овие обвинувања, нагласувајќи дека немал директна улога во распределувањето на работните задачи на двајцата вработени. Тој ги демантирал и шпекулациите за негова поврзаност со семејството Илиќ.
Поранешниот директор веќе бил сослушан во мај 2024 година пред обвинителството во Заечар, кога одговарал на прашања за патните налози, движењето на службените возила и работните задачи на обвинетите.
Според обвинението, Драгијевиќ и Јанковиќ на 26 март 2024 година со службен автомобил го удриле девојчето, по што го усмртиле и го отстраниле неговото тело.
Двајцата обвинети пред судот ја негираа вината, тврдејќи дека нивните претходни признанија биле дадени под полициски притисок и принуда.
Телото на двегодишната Данка Илиќ до денес не е пронајдено.
Во рамките на денешното продолжение на судскиот процес е предвидено сослушување на вкупно десет сведоци.









