Една од најстарите германски пиварници, „Хофбраухаус Волтерс“, основана уште во 1627 година, поднесе барање за отворање стечајна постапка, наведувајќи дека драстично зголемените оперативни трошоци и континуираниот пад на потрошувачката на пиво ја довеле компанијата до финансиски колапс.
Раководството на компанијата соопшти дека, и покрај започнатата стечајна постапка, производството ќе продолжи без прекин. Работењето ќе остане под сегашното раководство, додека целиот процес на реструктуирање ќе биде надгледуван од управник назначен од судот.
Од компанијата истакнуваат дека засега нема да има отпуштања и дека сите вработени ќе ги задржат своите работни места. Во обид да обезбеди финансиска стабилност, пиварницата планира дел од своето производство да го пренасочи кон безалкохолни пијалаци.
Како една од главните причини за банкротот се наведува историскиот пад на потрошувачката на пиво во Германија. Во текот на 2025 година, продажбата на пиво достигнала рекордно ниско ниво, што дополнително ја влошило состојбата во индустријата.
Истовремено, производителите се соочуваат и со значително повисоки оперативни трошоци, особено поради поскапувањето на енергенсите. Според германските медиуми, токму високите цени на енергијата најсилно ги погодиле домашните пиварници.
Германската економија веќе подолг период се наоѓа под сериозен притисок. По ескалацијата на војната во Украина во 2022 година, Германија започна постепено да го намалува увозот на руска нафта и природен гас, што придонесе за значителен раст на енергетските трошоци.
Дополнителен удар врз компаниите предизвика и неодамнешното поскапување на суровата нафта, кое следуваше по ескалацијата на американско-израелскиот конфликт со Иран, што уште повеќе ги зголеми производствените трошоци.
Германската економија беше во рецесија во текот на 2023 и 2024 година, додека во 2025 година забележа речиси целосна стагнација. За оваа година економистите прогнозираат скромен економски раст од околу 0,5 проценти.
Освен пиварската индустрија, со сериозни предизвици се соочуваат и бројни други германски компании. Меѓу нив се и автомобилските производители „Мерцедес-Бенц“ и БМВ, кои исто така се обидуваат да се приспособат на повисоките трошоци за производство и на ослабената побарувачка на пазарот.









