Албанскиот премиер Еди Рама најави продолжување на борбата против дивоградбите, истакнувајќи дека рушењето на илегалните објекти не е еднодневна акција, туку долготраен процес кој ќе трае додека не се искорени оваа појава што со години го уништува јавниот интерес и природните богатства на Албанија.
Во наредните денови, како што најави Рама, ќе биде воведен нов пакет мерки што ќе ја зголеми ударната моќ на законот. Целта е јасна: да нема повеќе неказнети одговорни лица. Законската одговорност ќе стигне не само до оние што незаконски градат, туку и до оние кои ги штителе дивоградбите со мито и корупција – во инспекторатите, полицијата и на локално ниво.
Денешната операција се одвиваше во ’ртот Родонит, општина Драч, каде што едно природно богатство беше злоупотребено за профит преку дивоградби. Наместо граѓаните и туристите да уживаат во чистата природа, некој го претворил просторот во приватна каса.
Премиерот нагласи дека ова повеќе нема да се дозволи и дека борбата се води за ред, закон, заштита на природата и јавниот интерес, за иднина изградена врз почитување на правилата, а не врз корупција и беззаконие.
„Доста беше! Албанија нема да биде талац на дивоградби и митаџии!“, порача Рама, со јасна порака дека никој не е недопирлив пред законот.