Над 550.000 граѓани во Бугарија ќе добијат еднократна финансиска помош од 50 евра поради зголемените трошоци предизвикани од високите цени на горивата и основните производи. Мерката е наменета за најранливите категории со приходи под линијата на сиромаштија.
Помошта, која е дел од мерката наречена „Инфлациски чек“, ќе ги опфати лицата и семејствата кои веќе се корисници на различни видови социјална поддршка. Меѓу нив се лица и млади без родителска грижа, корисници на помош за греење, семејства со деца со трајни попречености, деца згрижени кај роднини или во згрижувачки семејства, како и воени инвалиди и воени настрадани.
Социјалната министерка Наталија Ефремова објаснила дека за разлика од претходната мерка, овојпат нема да биде услов корисникот да поседува автомобил. Причината е што домаќинствата со ниски приходи не мора да имаат автомобил, а поскапувањето на горивата има поширок ефект врз цените на храната, услугите и транспортот.
Исплатата е планирана за октомври и ќе се врши автоматски, без граѓаните да поднесуваат дополнителни барања. Средствата ќе бидат исплатени преку платежна картичка или преку пошта, зависно од начинот на кој корисникот досега ја добивал социјалната помош.
За оваа мерка се издвоени десетици милиони евра од буџетот. Според бугарското Министерство за труд и социјална политика, за „Инфлацискиот чек“ се предвидени 30 милиони евра.
Се укинува акцизата за пропан-бутан
Покрај директната помош за најранливите граѓани, бугарската влада најави и пакет мерки чија вкупна вредност надминува 300 милиони евра.
Една од мерките предвидува укинување на акцизата за пропан-бутан. Сепак, за оваа промена потребно е Собранието да усвои соодветни законски измени. Владата очекува доколку промените бидат брзо донесени, цената на пропан-бутанот да се намали уште во октомври, а нултата акциза да важи до крајот на 2026 година. Мерката е проценета на околу 15 милиони евра за трите месеци.
Економскиот министер и вицепремиер Александар Пулев најавил и дополнителна поддршка за транспортните компании, меѓуградскиот и ученичкиот превоз, службите за итна медицинска помош и товарниот транспорт. Целта на овие мерки е повисоките трошоци за гориво да не се прелеат во дополнително зголемување на цените на услугите и производите.
Дополнителна поддршка за земјоделците
Во пакетот се вклучени и мерки за земјоделскиот сектор. За земјоделците е предвидена компензација поврзана со цената на дизел-горивото, со цел да се ублажи разликата во трошоците во однос на претходната година.
Според најавите, поддршката изнесува околу 44 евроценти за литар дизел, а вкупната вредност на мерките за земјоделството достигнува 170 милиони евра.
Бугарската влада истовремено потсетува дека во буџетот за 2026 година веќе се предвидени дополнителни средства за товарниот транспорт, додека дел од мерките за земјоделството веќе добиле одобрение од Европската комисија.
Пакетот е претставен како одговор на зголемените цени на горивата, при што владата избра различни форми на поддршка за домаќинствата со ниски приходи, транспортниот сектор и земјоделците, наместо еднаква финансиска помош за сите граѓани.




