Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска е во официјална посета на Атина, каде ќе се сретне со претседателот на Грција Константинос Тасулас, премиерот Кирјакос Мицотакис и претседателот на парламентот Никтас Какламанис. Главната тема на средбите ќе биде природниот гас и енергетската соработка меѓу двете земји.
Зеленски преку социјалните мрежи најави дека ќе биде потпишан договор за увоз на гас од Грција, кој ќе овозможи дополнителна рута за снабдување на Украина во пресрет на зимата. „Денес веќе подготвивме договор со Грција за гас за Украина, што ќе биде уште една рута за снабдување, со цел што е можно повеќе да се обезбедат увозите за зимата“, изјави Зеленски.
Поради безбедносни причини, грчката полиција забрани собири и протести во центарот на Атина и во повеќе населби од 6:00 до 22:00 часот. Посетата на Зеленски официјално беше соопштена утрово, а претходно тој бил во Атина во август 2023 година, кога присуствуваше на неформална вечера организирана од Мицотакис по повод 20-годишнината од Солунската агенда за ЕУ интеграција на земјите од Западен Балкан.
















