Денес, Грција се соочува со бурата Адел, која особено го погоди регионот Атика, носејќи силни врнежи, бури и повремен град. Делови од регионот се поплавени, а властите ги повикуваат граѓаните на дополнителна претпазливост, објави Катимерини.
Според ажурираниот метеоролошки билтен, речиси целата земја ќе биде погодена од дожд и бури, а подобрување на времето се очекува дури во недела. Најобилни врнежи се прогнозирани за западните и северните делови на Грција, како и за источниот Егеј, каде бурите би можеле да бидат придружени со град и многу силни ветрови.
Цивилната заштита е во целосна готовност. По состанокот на Комитетот за проценка на ризик, државниот апарат е активиран во областите каде што се очекуваат најинтензивни катастрофи: источна Македонија, Тракија, источен Егеј и Додеканези. Министерството за климатски кризи и цивилна заштита прогласи црвена тревога за Северниот Егеј и Додеканезите.
Регионите на Јонските острови, Епир, Западна Грција, Пелопонез, Централна и Источна Македонија и Тракија веќе се во режим на тревога. Метеоролозите предупредуваат дека најкритичниот период ќе биде првите 12 часа од денот – од рано наутро до пладне – кога бурите ќе се движат кон Додеканезите.
Во Атика се очекуваат обилни врнежи, иако со помал интензитет, а противпожарните служби и цивилната заштита се подготвени за итни интервенции. Денешните врнежи ќе бидат особено обилни во источна Македонија и Тракија, како и во делови од Халкидики, Серес, Кукуш и Солун, додека во вечерните часови се очекуваат силни бури на Јонските острови, Пелопонез и во Додеканези.















