ПРВ.мк
Балкан

ЦРНА ГОРА ПОД ЛУПА! Колку чини еден ден на плажа ова лето

ЦРНА ГОРА ПОД ЛУПА! Колку чини еден ден на плажа ова лето

Цените за изнајмување лежалки на црногорското приморје повторно ја брануваат јавноста, додека првите туристи веќе ги исполнуваат плажите и ја стартуваат летната сезона.

Иако официјално сезоната е во почетна фаза, плажите во Црна Гора веќе се полни со посетители од различни земји. Сонце, топло море и летна гужва ја најавуваат уште една интензивна туристичка година, но вниманието на многумина повторно е насочено кон – цените на плажа.

Дел од туристите реагираат дека изнајмувањето лежалки е прескапо, посебно на популарните локации. Некои дури прават споредби со други медитерански земји, наведувајќи дека за слични пари во Шпанија или Турција може да се добие и целодневен пансион.

Од друга страна, закупците на плажите тврдат дека цените речиси не се менуваат во однос на минатата година. Според нив, основен сет од две лежалки и чадор се движи околу 18 до 20 евра, додека балдахин може да чини и до 25 евра. За поудобно дневно уживање, на некои локации трошокот може да достигне и околу 60 евра.

И покрај критиките, закупците се оптимисти и очекуваат подобра сезона од ланската, со поголем број туристи и зголемен промет. Од јавното претпријатие кое управува со крајбрежјето велат дека оваа година се очекуваат значајни приходи од закуп на плажите, проценети на десетици милиони евра.

Сепак, не изостануваат и забелешки. Закупците најчесто се жалат на лоша инфраструктура, недоволно паркинг места и пристапни патишта до одредени плажи, додека надлежните уверуваат дека во тек се инвестиции и подобрувања на целиот крајбрежен појас.

Сезоната штотуку почнува, но дебатата за цените веќе е во полн ек.